ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Маск предвидува дека парите ќе ја изгубат вредноста за 10 години: Колку може да му се верува?

Маск предвидува дека парите ќе ја изгубат вредноста за 10 години: Колку може да му се верува?

Илон Маск, најбогатиот човек во светот и извршен директор на „Тесла“, разговараше со главната уредничка на „Економист“, Зени Минтон Бедоу. Во ова бурно интервју, во кое познатата новинарка го соочи со бројни проблематични изјави и ставови, Маск предвиде дека за 10 години парите нема да имаат никаква вредност поради брзиот развој на вештачката интелигенција (ВИ).

 „Потребни ви се пари за да купите стоки и услуги... Ако роботите и вештачката интелигенција произведуваат повеќе стоки и обезбедуваат повеќе услуги отколку што може да консумира или користи кој било човек, тогаш каква е користа од парите?“, изјави Маск.

Осврнувајќи се на загриженоста дека масовното усвојување на вештачката интелигенција може да доведе до губење на работните места, Маск рече дека очекува општеството да се движи кон она што го нарече „универзално висок приход“, што укажува дека луѓето и понатаму ќе уживаат во висок животен стандард и покрај помалата зависност од традиционалното вработување.

Милијардерот се осврна и на глобалната трка за доминација во областа на вештачката интелигенција, оценувајќи дека Кина има големи шанси да стане светски лидер кога дополнително ќе ги зголеми своите компјутерски капацитети. Според него, кинеските технолошки компании веќе постигнале импресивен напредок, иако располагаат со значително помалку ресурси во споредба со нивните американски конкуренти.

 Фантазиите на Илон Маск: Промашени предвидувања низ деценијата

Потребни се само неколку кликања за да се види што сè предвидуваше Илон Маск изминатава деценија дека ќе се случи до 2026 година:

Луѓето ќе одат на Марс до 2025 година:

„Треба да можеме да испратиме луѓе на Марс во 2024 година, кои би пристигнале во 2025 година“, тврдеше Маск. Тој дури предвидуваше дека директната демократија ќе биде најдобриот систем на управување таму за да се избегне корупцијата. Денес, до 2026 година, никој сè уште нема стапнато на Црвената Планета.

Видеоигрите нема да се разликуваат од реалноста:

Маск долго време тврдеше дека живееме во симулација, наведувајќи го брзиот напредок од видеоиграта „Понг“ до денешните 3Д симулации. Сепак, целосното спојување на виртуелното со реалноста сè уште е далечна иднина.

„Епл“ ќе претстави автомобил до 2020 година:

Маск тврдеше дека електричниот автомобил на Apple ќе влезе во производство во 2020 година. Реалноста е дека компанијата „Епл“ целосно се откажа од овој проект во 2024 година.

„Хајперлуп“ ќе функционира до 2020 година:

Концептот за патување низ цевки со вакуум требаше да биде брза алтернатива за воздушниот сообраќај. Сепак, законите на физиката, инженерските предизвици, регулаторните пречки и високите трошоци го стопираа овој проект. До 2026 година, ниту еден комерцијален систем „Хајперлуп“ не е во функција никаде во светот.

Соларните ќерамиди ќе станат секојдневие до 2017 година:

Во 2016 година, „Тесла“ го претстави производот „Соларен покрив“. Поради високите трошоци за инсталација и компликуваното производство, овој производ не постана вообичаено решение за семејните куќи, како што се ветуваше.

„Политиката ме однесе“

Во истото интервју, Маск зборуваше и за својата вклученост во американската политика, признавајќи дека за време на претседателските избори во САД во 2024 година, на кои победи Доналд Трамп, „се вклучил малку повеќе отколку што требало“ и дека целото искуство го „понижило“.

По победата на Трамп, Маск беше именуван за ко-раководител на Одделот за ефикасност на владата (DOGE), иницијатива која официјално заврши на 4 јули 2026 година. Тој истакна дека целта била борба против измамите и рационализација на трошењето на државните пари, но призна дека поради оваа функција се соочил со огромни критики од јавноста.

Маск во еден момент ја напушти администрацијата со остри изјави, тврдејќи дека американската јавност сè уште ги нема видено сите документи поврзани со Џефри Епштајн.

Реакција на критиките: „Ве мразат повеќе отколку мене“

Маск тешко ги прифати забелешките на новинарката дека голем дел од јавноста ги критикува неговите политички ставови и начинот на кој раководи со социјалните мрежи:

 „Можеби некои луѓе навистина ме презираат, и тоа веројатно е точно, но мене не ми е гајле“, рече Маск. „Фактот е дека ме следат четвртина милијарда луѓе. Мислам дека многу повеќе луѓе ме сакаат отколку што не ме сакаат. Исто така, мислам дека многу повеќе луѓе ве мразат вас и традиционалните медиуми отколку што сфаќате. Дали сте свесни каков низок углед имаат новинарите?“

По интервјуто, гледајќи ги реакциите на социјалните мрежи кои во голем дел ја поддржаа уредничката на „Економист“, Маск во една од своите објави ја нарече новинарката „непријател на Западот“.

Блиц.рс

ad
Слично

Поврзани вести