МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ ПРИЛЕП СО СИЛЕН ПАД - неповолните пазари го одбележаа првото полугодие
Една од поуспешните македонски компании и најголем експлоататор на мермер во земјава од почетокот на годината не покажува исти достигнувања како минатата година. Според најновиот финансиски извештај за првото полугодие, Мермерен комбинат Прилеп во првите шест месеци од годината оствариле приходи од продажба во износ кој надминува 500 милиони денари или 8,15 милиони евра.
- Друштвото за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година оствари приходи од продажба во износ од 500.924 илјади денари што претставува намалување за 37% споредено со истиот период од минатата година – се посочува во извештајот на компанијата објавен на Македонска берза.
Овој резултат е далеку понизок од ланскиот. Имено за првите шест месеци компанијата лани направи над 796 милиони денари, и тогаш имаше намалување од 14,31 отсто споредено со истиот период во 2024 година.
Од компанијата посочуваат дека намалувањето на продажбата е резултат на неповолните геополитички и глобални макроекономски случувања кои значително ги нарушија клучните пазари на кои настапува Компанијата.
- Најголемиот дел од намалувањето на приходите на странските пазари произлегува од значително намалените нарачки од страна на купувачите од Кина, поради застојот во градежниот сектор во Кина и намалена инвестициска активност. Воениот конфликт во Заливот дополнително го оптовари кинеското стопанство преку скокот на цените на енергенсите што доведе до одложување на финансирањето на поголемите инфраструктурни и комерцијални проекти за развој – укажуваат во извештајот.
Притоа од Мермерен комбинат напоменуваат дека падот на приходите од продажба на производите од фабриката е директно поврзан со недостатокот на големи, активни градежни проекти во регионот и на меѓународните пазари.
- Во услови на намалени барања за финални плочи и специфични димензии за проекти, фабриката оствари минимален пласман во овој период. Остварената оперативна добивка за периодот е во износ од 203.500 илјади денари (3,31 милиони евра), што споредено со остварената оперативна добивка за истиот период во 2025 година во износ од 346.397 илјади денари (5,63 милиони евра) претставува намалување за 41 отсто – се укажува во извештајот.
EBITDA за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година изнесува 267.148 илјади денари или 4,34 милиони евра, а наспроти остварениот износ од 413.706 илјади денари (6,73 милиони евра) во истиот период од минатата година покажува намалување за 36 проценти
Крајниот резултат по оданочување е позитивен и изнесува 183.390 илјади денари или 2,98 милиони евра, при што е забележано намалување од 41 отсто споредено со остварената добивка за истиот период од минатата година.
Мермерен комбинат исто така објави дека кај трошоците, најголем дел отпаѓа на трошоците за вработени, кои во споменатиот периодот покажуваат зголемување од 5 отсто споредено со истиот период минатата година.
- Зголемување од 8 проценти е евидентирано кај трошоците за енергија, суровини и материјали, кои се втор најголем трошок за Друштвото. Евидентирано е намалување на трошоците за надворешни услуги за 30 проценти – се посочува во објавата.
Со одлука од 28 мај 2026 година, дел од добивката од 2025 година во износ од 461.187 илјади денари или околу 7,5 милиони еврасе распределува за исплата на дивиденди. Бруто-дивидендата по обична акција беше утврдена на 1,60 евра.
- Во периодот заклучно со 30 јуни 2026 година Друштвото исплати дивиденди на своите малцински акционери во вкупен нето износ од 44.370 илјади денари и 4.926 илјади денари данок на исплатени дивиденди – се укажува во извештајот.
За надминување на кризата, раководството најавува будно следење на закрепнувањето на кинескиот пазар, понатамошна оптимизација на оперативните трошоци и потпирање врз високата ликвидност и ниската задолженост на компанијата.
П.О.
