МНР: Пет македонски семејства евакуирани од пожарите во Грција
Пет македонски семејства досега побарале помош или асистенција при евакуација од подрачјата во Грција зафатени со пожари, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по пожарот што избувна кај Сивири на првиот крак од Халкидики.
Во координација со грчките власти, тие биле упатени кон најблиските безбедни евакуациски точки. Од Министерството посочуваат дека семејствата се згрижени заедно со останатите туристи.
Македонските државјани на погодените подрачја кои имаат потреба од помош можат да се обратат на дежурниот телефон +389 75 268 736 или на електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk.
Откако вчера избувна голем шумски пожар кај познатата туристичка населба Сивири на првиот крак на полуостровот Халкидики во Грција, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираа дека од надлежните институции во Грција немаат добиено официјална информација за бројот на евакуирани македонски државјани од подрачјата зафатени со пожарите.
Инаку, од грчката противпожарната служба рекоа дека интензитетот на пожарот се намалил во текот на вечерта, иако сè уште не е ставен под контрола. Од Сивири, по морски пат, евакуирани се вкупно 481 лице. Во транспортот на луѓето, како што пренесуваат грчките медиуми, биле вклучени два брода на Грчката крајбрежна стража, два брода на Противпожарната бригада, три рибарски брода, приватни бродови и брз патнички ферибот.
