Муцунски го образложи изборот на Фетаи за специјален пратеник во Брисел
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го образложи назначувањето на поранешниот вицепремиер Арбен Фетаи за специјален пратеник за Европската Унија во Брисел, посочувајќи дека неговото образование, познавањето на јазиците и контактите во Белгија можат да бидат од корист за државата.
Фетаи беше именуван на новата функција на владината седница одржана на 28 јули, околу месец и половина откако Собранието ја констатираше неговата оставка од функцијата вицепремиер задолжен за добро владеење.
Муцунски оцени дека прашањата поврзани со претходната работа на Фетаи се легитимни и дека јавноста заслужува одговори. Истовремено, тврдењата дека поранешниот вицепремиер подолг период не ги извршувал своите обврски ги оцени како паушални и засновани врз неточни информации.
Според шефот на дипломатијата, Фетаи се школувал во Белгија, ги познава сите официјални јазици во земјата и бил ангажиран во владини и невладини организации во Брисел. Муцунски смета дека неговото искуство и мрежата на контакти можат да послужат во интерес на Македонија во период на засилени активности поврзани со европската интеграција.
Тој посочи и дека Фетаи има македонско и белгиско државјанство, оценувајќи дека според својата биографија би бил соодветен кандидат и за амбасадорска функција доколку не постоело прашањето со двојното државјанство.
Назначувањето доаѓа по период во кој во јавноста беа отворени прашања за присуството на Фетаи на работното место и на владините седници.
Министерот за здравство Азир Алиу во април јавно изјави дека тогашниот вицепремиер не доаѓал на работа и не присуствувал на седниците на Владата. Алиу тогаш посочи дека отсуството не било поврзано со здравствени причини.
Во медиумските извештаи беше наведено дека отсуството траело повеќе од два месеца. Во јавноста беше поставено и прашањето дали Фетаи во тој период продолжил да прима функционерска плата, за што не беше објавен конкретен одговор од надлежните институции.
Фетаи ја поднесе оставката на 1 јуни, наведувајќи дека повеќе нема услови функцијата да ја извршува со потребната ефикасност. Собранието ја констатираше оставката на 10 јуни, а Фетаи не присуствуваше на седницата за да ја образложи.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно ги оспори информациите дека Фетаи со месеци не одел на работа. Муцунски сега оцени дека поранешниот вицепремиер го исполнува потребниот профил за новиот ангажман и дека ќе ѝ служи на државата во специфичен период за нејзините европски аспирации.
