МВР: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“
Министерството за внатрешни работи денеска упати апел до граѓаните да не отвораат лажни пораки, кои наводно се испратени од „Безбеден град“ и да не споделуваат лични податоци.
Изминатиов период имало појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.
„Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка“, нагласува МВР.
Оттаму нагласуваат дека СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач “MVR-SC”. Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок, и линк од следниот формат “https://safecountry.mvr.gov.mk…”.
