ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

НА ЛИСТА СО МЕСТА ЗА ПРЕСЕЛБА, МАКЕДОНИЈА Е ОПИШАНА КАКО ЗЕМЈА СО НИСКИ ЦЕНИ И БАВНА БИРОКРАТИЈА: Од каде ни доаѓаат странци?

НА ЛИСТА СО МЕСТА ЗА ПРЕСЕЛБА, МАКЕДОНИЈА Е ОПИШАНА КАКО ЗЕМЈА СО НИСКИ ЦЕНИ И БАВНА БИРОКРАТИЈА: Од каде ни доаѓаат странци?

Добра клима, безбедност, гостопримливост се адутите поради кои се препорачува странците да се преселат во Македонија во 2026 година, но има и недостатоци.

Македонија е рангирана на 68-то место од 95 земји на WhereNext Global Relocation Index за 2026 година. Проценетите трошоци за живот за едно лице во земјава за 2026 година се околу 1.450 долари месечно. Нашата земја е побезбедна од 27 држави кои се опфатени на листата. Во однос на САД е проценето дека Македонија е за 52 отсто поевтина. Во однос на безбедноста, Македонија има високи оценки, додека за здравствената грижа, образованието и инфраструктурата оценките се послаби.  Од агенцијата за недвижности Аурис од Скопје објаснуваат дека последниве неколку години има наплив на странци кои се доселуваат во Македонија.

„Има странци од многу земји, Американци, Холанѓани, Германци, Турци има многу. Прво изнајмуваат имот, но има и странци што купуваат станови за живеење. Има и Французи што бараат имоти за изнајмување. Цените се тука пониски, но доаѓаат од различни причини, некои работат на проекти, бараат за година и 8 месеци изнајмување и слично. Странците сакаат да се сместат во строг Центар или на Водно, блиску до природа. Постарите бараат имоти во Охрид за живеење, но повеќето странци кои доаѓаат се помлади, од 30 до 40 години“, велат од Аурис.

Во препораката стои дека Македонија е добро место за пензионери и за луѓе кои работат на далечина.

„Северна Македонија им одговара на ултра-буџетски свесните работници од далечина и пензионерите кои сакаат топла, гостопримлива балканска земја со ниски цени и вистинска културна текстура. Историчарите и ентузијастите за археологија наоѓаат слоеви на римско, византиско, отоманско и југословенско наследство спакувани на мала територија. Планинарите кои бараат ненаселени планински патеки и пливачите кои претпочитаат езера  ќе откријат тивок спектакуларен пејзаж. Вработените во невладините организации и професионалците за развој наоѓаат функционална база тука. Земјата не е за кариеристи на кои им е потребна професионална средина што зборува англиски, претприемачи на кои им е потребна софистицирана финансиска инфраструктура или за секој што бара ефикасни владини услуги“, стои во описот за Македонија.

Забелешките се дека земјава има бавна бирократија. За споредба, Србија е на 54-то место. Се проценува дека 1.200 долари се доволни за живот на едно лице во Србија. За Босна и Херцеговина(БиХ) се проценува дека трошокот за едно лице е од 800 до 1.500 долари месечно. 

Сања Атанасовска

foto Gemini

ad
Слично

Поврзани вести