На Водно ќе се градат 25 хациенди, Герасимовски вели дека реакциите се непотребна фама
Според градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, со планот, со кој ќе се дозволи изградба на 25 нови објекти на скоро 30.000 квадратни метри на Водно, општината воведувала „плански ред“ и дека тоа било многу подобро отколку да се гради неплански и самоволно, кога и се случуваат свлечишта.
Планското уредување, според Герасимовски, „обезбедува стабилност и безбедност“.
„Свлечиштата најчесто се резултат на непланска и самоволна градба. Со овој ДУП воведуваме ред наместо такви практики,” додаде тој.
Градоначалникот демантираше дека се зголемува бројот на градежни парцели, посочувајќи дека тие се преземени од претходниот план.
Тој рече дека според новиот нацрт-план, вкупната дозволена изградба се намалува од 43.429 м² на 29.459 м² (за 33%), максималната изграденост се ограничува на 40%, се дозволува само едно подземно ниво, а зелените површини се зголемуваат на 40%.
Реакциите за одлуката Герасимовски ги нарече „непотребна фама“.
„Се создаде непотребна фама. Ова не е нов план, туку ДУП кој постои од 2002 година. Ние не го зголемуваме обемот на градење, туку го уредуваме просторот и воведуваме јасни правила”, рече тој.
