ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Највредниот исход за ДПМНЕ е ослободителната пресуда и одбиената конфискација да опстојат“: Левица со остра критика за случајот „Талир 2“

„Највредниот исход за ДПМНЕ е ослободителната пресуда и одбиената конфискација да опстојат“: Левица со остра критика за случајот „Талир 2“

„Талир 2“ е можеби најпластичниот пример како изгледа правосудството кога на другата страна од законот стои политичката моќ. Во 2022 година, со доказите во овој предмет, Никола Груевски беше првостепено осуден на шест години затвор, а судот определи и конфискација на партиското седиште и друг имот на ДПМНЕ. Потоа СДСМ и ДПМНЕ го заеднички го прекроија Кривичниот законик, Апелација ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење, а истиот суд сега, при доказен материјал чија анализа и оцена самиот вели дека суштински не ги променил, донесе спротивен исход - Груевски е ослободен, а конфискацијата е одбиена.

Ова го посочуваат денеска од опозициската политичка партија „Левица“ од каде додаваат дека суштината на „Талир 2“ денес веќе не е затворската казна на Груевски.

- Кривичното гонење се движи кон апсолутна застареност на 31 август, но застареноста сама по себе не е истоветна со правосилна ослободителна пресуда кога станува збор за судбината на имотот. Токму затоа највредниот исход за ДПМНЕ е ослободителната пресуда и одбиената конфискација да опстојат. И токму затоа е невозможно целата постапка да се набљудува како невина низа од процесни случајности, имено, зад неа стои многу конкретен материјален интерес - милионскиот противправно стекнат имот на партијата која денес ја предводи Владата - нагласуваат од партијата.

Воедно од Левица укажуваат дека пред ваквата завршница, новиот државен јавен обвинител Ненад Савески ги повлече овластувањата со кои обвинителката што седум и пол години го градеше и застапуваше предметот продолжуваше да постапува по него. 

- Наместо обвинителството да обезбеди максимален институционален континуитет во еден од најсложените и политички најчувствителни предмети, токму во неговата завршница беше отстранет обвинителот кој ја познаваше доказната конструкција од нејзиниот почеток. Неколку месеци подоцна имаме ослободителна пресуда, одбиена конфискација и предмет кој влегува во последните денови пред застарување. Савески може секој од овие потези одделно да го обвитка во бирократско образложение, но не може да бара јавноста да го игнорира нивниот заеднички резултат.

А сега ни сервираат уште една апсурдна ситуација -  жалбата стигнува во Вишото јавно обвинителство и повторно му се доделува на Јован Цветановски, со објаснување дека таква била внатрешната процедура бидејќи тој претходно постапувал по предметот. Инаку, за ваков персонален автоматизам нема законска норма што налага истиот виш јавен обвинител задолжително повторно да го добие предметот. Но уште поважно, каква чудесна грижа за „континуитетот“! Кога требаше да се тргне обвинителката што седум и пол години го градела предметот - континуитетот не вредеше ни пет пари - нагласуваат од Левица. 

Потоа од партијата додаваат „еве уште една 'случајна околност' зошто одеднаш континуитетот стана врвен принцип: Цветановски е обвинителот кој во 2023 година, кога постоеше осудителна пресуда и определена конфискација, побара таа пресуда да биде укината, предметот да се врати на повторно судење'. 

- Денес, откако повтореното судење произведе ослободителна пресуда и одбиена конфискација, истиот обвинител повторно треба да даде мислење, овојпат за жалбата со која Обвинителството го напаѓа токму таквиот исход. Значи, обвинителот што го градел обвинението може да биде заменет пред самиот крај, а обвинителот што барал укинување на осудата мора да остане затоа што „таква била процедурата“...

И сето ова се случува додека ДПМНЕ е владејачка партија, а предмет на спорот е токму нејзиниот милионски имот. Затоа Савески и обвинителската хиерархија должат многу повеќе од суво соопштение дека се постапува согласно процедура. Должат да објаснат како континуитетот исчезнува кога треба да се отстрани обвинител од предмет што го водел седум и пол години, а воскреснува кога треба да постапува обвинител кој веќе застапувал став за укинување на осудителната пресуда - нагласуваат од Левица. 

На крајот додаваат дека ако Белата палата остане недопрена, таа ќе биде и материјален доказ колку далеку може да стигне системот кога треба да се заштити криминалниот милионски имотот на владејачката партија.


ad
Слично

Поврзани вести