Нема повеќе трка кој носи поскапа облека: Бесплатни униформи за учениците во средните школи во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави нова мерка со која сите ученици запишани во прва година во средните училишта ќе добијат бесплатни училишни униформи.
Според него, целта на мерката е да се намалат социјалните разлики меѓу учениците и да се создаде поправедна и побезбедна училишна средина.
„Училиштето треба да биде место каде што младите ќе се натпреваруваат во знаење, труд и успех, а не во тоа кој носи поскапа облека и чии родители имаат поголема финансиска моќ“, наведе Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочи дека со воведувањето на униформите ќе се олесни финансискиот товар за семејствата и учениците ќе можат повеќе да се фокусираат на образованието, личниот развој и својата иднина.
Од Град Скопје сметаат дека униформите ќе придонесат за воспоставување еднаков и достоинствен кодекс на облекување, практика која, како што наведуваат, веќе се применува во голем број современи образовни системи.
„Вредноста на еден ученик не се мери според облеката што ја носи, туку според знаењето, карактерот и соништата што ги гради“, порача градоначалникот.
Тој додаде дека преку повеќе мерки се работи на создавање училишна средина во која секое дете ќе се чувствува прифатено, почитувано и еднакво, без разлика на економскиот статус на семејството.
