Нов АТМ и радарски систем во М-НАВ за поголема безбедност на македонското небо
Во М-НАВ се инсталира нов АТМ систем за управување со воздушниот сообраќај, а новиот радарски систем поставен на контролната кула во Скопје е во завршна фаза на тестирање, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Според Николоски, воведувањето на новиот АТМ систем е од големо значење за зголемување на безбедноста, сигурноста и ефикасноста при управувањето со воздушниот сообраќај над земјава.
Модернизацијата доаѓа во период кога се зголемува бројот на авиони што го користат македонскиот воздушен простор. Во првите шест месеци од 2026 година бројот на прелети над македонското небо е зголемен за повеќе од 12 проценти во однос на истиот период во 2025 година.
Покрај АТМ системот, во текот на 2025 година беше поставен и нов радарски систем на контролната кула во Скопје, кој во моментов е во завршна фаза на тестирање.
Со ставањето во функција на двата системи, М-НАВ ќе добие современа технолошка инфраструктура за следење и управување со воздушниот сообраќај.
Николоски оцени дека новиот АТМ систем и радарот ќе овозможат македонското небо да биде покриено со највисоко ниво на технологија што во моментов се користи во контролата и безбедноста на воздушниот сообраќај.
