Оџа и поранешен функционер од Македонија добија забрана за влез во Албанија
Албанските медиуми објавија дека МВР на Албанија ги прогласило за персона нон грата и им забранило влез на двајца македонски државјани, контроверзниот оџа од Скопје, Бекир Халими, и политичарот и поранешен економски директор на скопска Гинекологија, Ваљон Беља.
Според објавите двајцата се ставени на албанската црна листа поради проценка дека претставуваат закана за националната безбедност, уставниот поредок и суверенитетот на Албанија, како и закана за јавниот ред и мир.
Албанските медиуми објавуваат дека според проценките, постојата сомневања дека двајцата се членови на терористички организации кои поддржуваат и спроведуваат анархистички дејствија против албанската држава. Во текстовите не е наведено дали забраната се однесува за активности поврзани со таканаречената фламинго револуција односно протестите во Албанија против изградба на туристички ресорти во заштитената зона во Звернец, проект кој му е доделен на зетот на Доналд Трамп.
Со реакција на социјалните мрежи се јави Беља, кој на Фејсбук напиша дека е прогласен за „непожелен“ од Владата на како што вели „Еди Рамовиќ“, сијамскиот брат на Вучиќ.
