ОЈО бара притвор за Србинот кој беше фатен на Богородица со 5.000 штеки цигари без акцизни маркички
Српски државјанин се наоѓа под истрага откако царинските службеници на граничниот премин Богородица откриле речиси 5.000 штеки цигари без акцизни маркички, сокриени во камион со кој декларирал дека превезува материјал за изолација.
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против возачот поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – Избегнување на плаќање акциза (од член 279-б став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик).
Изолација како параван за шверц
Според информациите од обвинителството, осомничениот пристигнал на влезот во државата со камион – влекач со приколка со српски регистарски ознаки, во сопственост на превозна компанија од Србија. При пријавувањето, тој отпочнал транзитна постапка за стока која била декларирана како материјал за изолација.
Меѓутоа, при детална контрола над декларираниот товар, царинските службеници откриле 100 картонски кутии во кои биле спакувани вкупно 5.000 штеки цигари без акцизни маркички.
Со овој обид за шверц, осомничениот имал намера целосно да избегне плаќање на акциза во значителна вредност од речиси 5 милиони денари (околу 80.000 евра).
Побарана мерка притвор
Поради опасност од бегство, сокривање или уништување на трагите од кривичното дело, како и можност за влијание врз сведоци и соучесници, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија веќе достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
