ОКТА СОБОРУВА РЕКОРДИ – цените на нафтата и засилената продажба и донесоа троцифрен раст на компанијата и покрај попустите
Нафтената компанија ОКТА оствари силен раст и на приходите, профитабилноста и оперативните показатели, поддржан од зголемената комерцијална активност, подобрувањата во синџирот на снабдување и повисокиот обем на продажба.
Имено, најновиот извештај на компанијата покажува дека во првата половина од 2026 година успеала да оствари нето добивка од 1,2 милијарди денари или околу 19,1 милион евра.
- Во вториот квартал од 2026 година, меѓународните цени на суровата нафта и рафинираните производи останаа на релативно високо ниво, но со надолен тренд во однос на рекордните вредности забележани на крајот од првиот квартал. Овој тренд беше поттикнат од постепеното ублажување на геополитичките тензии на Блискиот Исток и намалувањето на загриженоста поврзана со прекини во снабдувањето. Иако цените на суровата нафта останаа значително повисоки од оние во истиот период од 2025 година, достигнувајќи просек од околу 85 американски долари за барел во јуни, нормализирањето на пазарните услови придонесе за намалување на придобивките од вреднувањето на залихите во споредба со исклучително силните резултати остварени во првиот квартал од 2026 година – се посочува во извештајот објавен на Берза.
Воедно потенцираат дека во текот на вториот квартал, ОКТА остана фокусирана на обезбедување стабилно и сигурно снабдување со нафтени деривати на домашниот и на соседните пазари.
- Воведувањето на транспортот на дизел-гориво преку продуктоводот Солун-Скопје дополнително ја зајакна безбедноста на снабдувањето, ја подобри логистичката ефикасност и овозможи поголема оперативна флексибилност – стои во извештајот на компанијата.
Во него е посочено дека во вториот квартал од 2026 година, приходите од продажба изнесуваа 19.894 милиони денари, или 323,5 илјади евра што претставува зголемување од 121% на годишно ниво, првенствено како резултат на повисоките цени на горивата и зголемениот обем на продажба и на домашниот и на извозниот пазар.
Од друг страна оперативните трошоци се зголемиле за 47%, главно поради повисоките регулаторни такси, трошоците за вработени и инвестициите насочени кон стратешките иницијативи за раст на компанијата.
- ЕБИТДА достигна 249 милиони денари, што е зголемување од 88% во споредба со истиот период од 2025 година, поддржано од подобрените комерцијални резултати и позитивните ефекти од вреднувањето на залихите. Прилагодената ЕБИТДА изнесуваше 702 милиони денари, што претставува зголемување од 319% на годишно ниво – стои во извештајот на ОКТА.
П.О.
