ПИПЕРКИ ИЛИ ДОМАТИ: Што повеќе јадат, а што повеќе произведуваат Македонците?
Јадеме повеќе домати, а произведуваме повеќе пиперки. Македонските граѓани јадат поголеми количини на домати за разлика од количината на пиперки. Но, кај производството е обратно, односно произведуваат поголеми количини пиперки. Според Државниот завод за статистика(ДЗС), македонските граѓани лани во просек јаделе по 13.4 килограми домати и 11.6 килограми пиперки.


Минатата година во земјава се произведени вкупно 244.043 тони пиперки. Југоистокот е регион кој бележи најголемо производство на пиперки, односно 101.986 тони. Во Пелагонискиот регион се произведени 98.637 тони пиперки. Сите други региони произведуваат далеку помали количини на пиперки.
Од друга страна, лани во Македонија се произведени 112.645 тони домати. Регион рекордер во производство на домати е југоисточниот со 57.962 тони. Во скопскиот регион се произведени 24.362 тони домати, а другите региони се со помали количини.
„Многу повеќе работа има кај доматот, и цената за производство е повисока. Има плевење, врзување, оплодување, а кај пиперките работа има помалку. Семка домат е 9 денари, а за пиперките самите земјоделци си произведуваат расад. Во однос на болести, подложни се и двете култури. Работната рака е помалку потребна кај пиперките. Има луѓе што се занимаваат со земјоделство веќе 50 години, стари се и тие се определуваат повеќе за садење на пиперки. Диматот има двојно поголем принос, но додека да се дојде до тој принос, проблем е работната рака“, вели Ристо Велков, земјоделец од селото Василево и претседател на Сојузот синдикат на земјоделски производители во струмичко.
Граѓаните објаснуваат дека преку лето јадат лесна храна, се трудат да внесуваат што повеќе овошје и зеленчук.
„Консумирам и пиперки и домати преку лето и тоа многу. Пиперките се полни со витамин Ц, и затоа ги користам“, рече Елица Ангеловска, граѓанка.
Друга жена вели дека поради здравствени причини почесто консумира домати.
„Повеќе користам домати, затоа што имаат калиум, а мене тоа ми е важно, затоа што калиумот е добар за нервниот систем“, рече нашата соговорничка.
Во лето граѓаните почесто консумираат салати.
„Преку лето јадам многу салати. Домати јадам повеќе и тоа свежи, затоа што така е најдобро“, додава друга жена.
Македонските граѓани многу поретко јадат боранија, само 0.4 килограми годишно во просек, а модри домати 1.8 килограми, праз 1.9 килограми, тиквички 1.7 килограми. Македонските граѓани годишно во просек консумираат по 100 грама карфиол. Кај морковот, просекот е 3.7 килограми по човек. Граѓаните во просек годишно консумираат по 1.9 килограми спанаќ. Зелката ја јадат почесто, и за неа просечната годишна количина по лице е 8.3 килограми.
Сања Атанасовскаfoto Gemini
