По напливот на мигранти во Шпанија, Макрон бара посилна гранична контрола
Францускиот претседател Емануел Макрон бара посилна гранична контрола со Шпанија.
Тој денеска побара од министерот за внатрешни работи на земјата, Лоран Нуњез, да преземе сите потребни мерки за зајакнување на контролите на границата со Шпанија, изјави извор близок до францускиот претседател.
Изворот изјави дека се во тек разговори со шпанските и мароканските власти за следење на ситуацијата и подобра координација на надлежните служби, објави телевизијата BFM. Франција е подготвена да им ја обезбеди на шпанските власти целата потребна поддршка, доколку ја побараат, вклучително и помош преку агенцијата Фронтекс.
Илјадници мигранти пристигнаа на територијата на шпанската енклава Сеута откако успеале да ја пробијат полициската контрола и да ја преминат границата од мароканска страна, соопштија шпанските власти.
Според информациите на шпанските медиуми, меѓу 2.000 и 3.000 лица влегле во Сеута преку морскиот насип Тарахал, а дел од нив ја преминале границата со прескокнување на оградите. Цивилната гарда соопшти дека мигрантите пристигнувале во голем број по морски пат.
Ситуацијата предизвика сериозна загриженост кај локалните власти. Претседателот на автономната област Сеута, Хуан Хесус Вивас, побара од шпанската влада прогласување вонредна состојба и распоредување на војската за обезбедување на границата.
Сеута и Мелиља се единствените копнени граници на Европската Унија со Африка и со години се меѓу најчестите точки за обиди за нелегално преминување кон Европа.
Активисти за правата на мигрантите велат дека најновиот бран потсетува на кризата од 2021 година, кога околу 10.000 луѓе влегоа во Сеута за неколку дена.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, изјави дека се залага за суспензија на Шпанија од шенгенскиот простор, по вчерашниот инцидент кога стотици мигранти илегално пристигнаа во шпанската енклава Сеута во Северна Африка.
