ПОЧНА АСФАЛТИРАЊЕТО НА БУЛЕВАРОТ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ - по завршување на едната страна, ќе почне реконструкцијата и на другата
Почна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“ - соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека на фреквентната сообраќајницата се става првиот слој асфалт и таа се довршува „по триесетгодишно чекање“.
- Се сеќавам уште како дете, довршувањето на овој булевар беше ветување кое се повторуваше со години. Генерации граѓани слушаа ветувања, а повеќе од 100.000 луѓе кои секојдневно гравитираат во овој дел од Скопје живееја со гужви, нервози и сообраќајна голгота. Тоа време завршува! Со мојот тим си поставивме јасна цел - да не бараме изговори, туку решенија. Да не зборуваме што било невозможно вчера, туку да покажеме што е возможно денес кога се работи чесно, домаќински и со силна волја - напиша скопскиот градоначалник на Фејсбук.

Го решивме долгогодишниот проблем со експропријацијата, како што истакнува тој, за што искрено им благодарам на стопанствениците за коректниот и домаќински пристап.
- Ја ослободивме трасата и започнавме со изградба со силно темпо. И денес, нешто повеќе од три месеци подоцна, го поставуваме првиот слој асфалт! - напиша скопскиот градоначалник.
Ѓорѓиевски посочува дека по завршувањето на оваа страна, сообраќајот ќе биде пренасочен, а ќе почне реконструкцијата и на другиот дел од трасата, кој исто така ќе добие целосно нов асфалт.
- Паралелно изградивме и нова атмосферска канализација, затоа што нов булевар значи и трајно решение, правилно одведување на атмосферските води, поголема безбедност и инфраструктура која треба да служи со децении. Ова е крај на едно триесетгодишно чекање - вели тој.

Како што нагласува Ѓорѓиевски, ова е доказ дека кога има волја, работа и одговорност, нема заборавени проекти и нема заборавени граѓани.
- Ветивме и остваривме. Мојот народ заслужува модерна и безбедна патна инфраструктура. Заслужува нормални услови за живот. Заслужува град кој се движи напред. И токму такво Скопје ќе изградиме - со работа, со резултати и со дела што остануваат зад нас. Скопје го градиме заедно - напиша на својот Фејсбук скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
