ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пол ван Дајк и Пол Окенфолд ќе настапат во Градскиот парк во Струмица на 16 август

Пол ван Дајк и Пол Окенфолд ќе настапат во Градскиот парк во Струмица на 16 август

Светски познатите диџеи Пол ван Дајк и Пол Окенфолд ќе настапат заедно на 16 август во Градскиот парк во Струмица, во рамките на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија.

Настанот денеска на прес-конференција во Струмица го најавија портпаролката на Владата, Марија Митева, и Бобан Милошески од „Авалон“ продукција.

Митева истакна дека прославата ќе се одвива во повеќе градови низ државата, со цел настаните да бидат подостапни за граѓаните.

„Навистина, како Влада, видовме уште од самиот почеток дека ова ќе биде настан којшто ќе се случува во повеќе градови низ Македонија, сè со цел да дадеме повеќе достапност, да имаме повеќе единство и да размислуваме за тоа како достоинствено Македонија да ги одбележи 35 години независност“, изјави Митева.

Бобан Милошески најави дека двајцата светски диџеи ќе имаат заеднички и ексклузивен настап во Струмица.

„На 16-ти август во недела, баш овде во Градскиот парк, ќе имаме заеднички настап на двајцата можеби сигурно меѓу десетте најголеми и највлијателни диџеи на сите времиња, Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд, заедно, ексклузивно, ќе настапат во Струмица во склоп на оваа манифестација“, рече Милошески.

Организаторите очекуваат на настанот да присуствуваат околу 15.000 посетители од цела Македонија.

„Едноставно сакавме, ја избравме Струмица како град затоа што Струмица е голем град, убав град и нормално е да има и таа еден ваков огромен евент како што ќе биде настапот на Пол Окенфолд и Пол Ван Дајк. Навистина очекуваме петнаесетина илјади луѓе од цела Македонија да дојдат овде“, изјави Милошески.

Програмата за одбележување на јубилејот ќе започне на 2 август со голем концерт во Битола, а ќе заврши на 8 септември со настапот на Дејвид Гета на Градскиот стадион во Скопје. Во рамките на програмата е најавен и настап на Хозе Карерас со македонски уметници на 1 септември.

Милошески соопшти дека во единаесет градови ќе се одржат и мјузикли со македонски пејачи, артисти и изведувачи, во кои ќе учествуваат повеќе од 250 лица.

Прославата на 35 години од независноста на Македонија ќе трае од 2 август до 8 септември.

ad
Слично

Поврзани вести