Полицијата откри трет учесник во несреќата во Радишани, го пронашле и уапсиле во Арачиново
Полицијата открила дека во сообраќајната несреќа во Радишани, во која загина 19-годишен мотоциклист, учествувало и трето возило чиј возач веднаш го напуштил местото.
До ова сознание истражителите дошле при увидот и по обезбедување снимки од местото на несреќата. Според МВР, станува збор за автомобил „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки, кој учествувал во предизвикувањето на несреќата без да има физички контакт со другите возила.
Возачот потоа заминал од местото без да им укаже помош на повредените.
По преземени полициски мерки, околу 19:40 часот автомобилот бил пронајден во Арачиново, а бил пронајден и возачот С.О. (46). Тој бил лишен од слобода и спроведен во полициска станица, каде со него бил извршен службен разговор.
Несреќата била пријавена вчера во 12:12 часот на улицата „Радишанска“ во Скопје. Во неа учествувале „алфа ромео“ со италијански регистарски ознаки, управувано од С.Б. (47), и мотоцикл „кавасаки“, управуван од Н.М. (19) од Побожје.
Мотоциклистот починал на местото, а лекар од Итната медицинска помош ја констатирал смртта. По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција.
Возачот на „алфа ромеото“ се здобил со телесни повреди и бил пренесен во болницата „Св. Наум Охридски“.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
