Прогласена епидемија од западнонилска треска во Кисела Вода, Илинден, Гази Баба и Бутел
Здравствените власти прогласија епидемија од западнонилска треска во три скопски општини – Кисела Вода, Гази Баба и Бутел, како и во приградската Илинден.
Според здравствените власти, од почетокот на годината има 24 потврдени пациенти заболени од западнонилска треска, а двајца се суспектни. Дваесет се хоспитализирани на Инфективната клиника од кои пет се во тешка состојба. Најголем дел од заболените се пензионери.
Еден заболен пациент почина. Тој имал 83 година и според здравствените власти имал повеќе коморбидитети. Пет пациенти кои се примени на Инфективната клиника се во критична состојба и се на механичка вентилација.
Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски заедно со претставниците од Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за инфективни болести, на денешната прес конференција информираа за епидемиолошката состојба со западнонилска треска во земјава.
- Навремено и транспарентно ја информираме јавноста за состојбата со западнонилската треска. Ова не е ново заболување, присутна е и во текот на претходни години, а годинава заради актуелната епидемиолошка состојба, бројот на потврдени случаи и активноста на вирусот, наметнаа потреба од засилен институционален одговор. Ја следиме состојбата во координација со Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, Комисијата за заразни болести и Клиниката за инфективни болести, со цел навремено да ги идентификуваме и третираме случаите, како и да спречиме појава на нови случаи, истакна Андовски.
Тој порача дека нема место за паника, туку има потреба од внимателност и одговорност, односно граѓаните да преземаат мерки за лична заштита, носење соодветна облека, како и избегнување на места каде е најголема изложеноста на комарци.
Д-р Марија Гочевска од Институтот за јавно здравје информираше дека заклучно со 11 август, се регистрирани вкупно 26 случаи, од кои 2 се веројатни. Од нив, 25 лица се од Скопје, а еден е од Велес. Во однос на возрасната категорија, д-р Гочевска посочи дека 22 лица се на возраст над 60 години.
- Станува збор за автохтони случаи од нашата држава, а едно лице патувало во Грција. Сите случаи се со невроинвазивна форма, појасни д-р Гочевска.
Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана информираше дека пациентите се третираат на клиниката која располага со капацитети и соодветна дијагностика.
- Четворица пациенти се водат како суспектни и во тек е дијагностичка постапка. Осум пациенти се испишани на домашно лекување, но за жал, морам да информирам дека 83-годишен пациент е починат. Пациентот имаше и други заболувања, истакна д-р Цана.
