ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се води ли специјална војна преку водата за пиење и зошто нема доверба во институциите?

Се води ли специјална војна преку водата за пиење и зошто нема доверба во институциите?

22 дена во градскиот водовод во Гостивар биле вклучени пумпи кои наводно го полнеле системот со вода од површински канал од реката Вардар, наводно за да се зголеми притисокот во летниот период. Ова навидум наивно објаснување актот во Гостивар, кој практично имаше ефект на терористичко дело, за жал беше „поткрепено“ со документ од државна институција. Особено тешко прашање е како Центарот за јавно здравје во Тетово можел на 13 јули да ја оцени водата како безбедна, ако последователната истрага утврдила дека во системот веќе биле присутни значително поголеми количини на фекални бактерии и хлор над дозволеното, по што околу 3 илјади граѓани завршија со труење и побараа лекарска помош.  

Токму тој детаљ беше доволен за да се создаде „совршена“ бура, односно да се шири паника и во Скопје дека градскиот водовод е загаден со бактеријата ешерихија коли. Специјалната војна која наводно започна преку ширење психолошка паника од неколку лажни профили на социјалните мрежи, комбинирана со ниската доверба во институциите, доведе до страв и револт кај граѓаните, зголемено купување флаширана вода и „доброволно“ ширење на теориите на заговор преку социјалните мрежи.

Во ваква операција самите граѓани, како реални корисници на социјалните мрежи, стануваат дополнителна алатка во ширење на дезинформациите и манипулацијата со фактите.

За волја на вистината Град Скопје, ЈП Водовод, МВР, ИЈЗ и други надлежни институции излегоа со свои информации, прес конференции, изјави и соопштенија за јавност, но убеденоста дека „нешто тука смрди“ и фактот што веќе еднаш државните институции кикснаа со „покривање“ на фекалиите во Гостивар прави сѐ потешко да им се верува на функционерите.

Брзата и решителна акција на МВР за приведување и полициски разговор со десетина лица кои ги ширеа објавите дека „инфективна е полна со заразени од е-коли од водата“ може да делува смирувачки, но многу поважно е да се открие вистинскиот центар кој ја предводи оваа специјална воена операција.

Дали тој центар, кој најчесто и се препишува на опозицијата и нејзини блиски структури навистина постои, и тоа со таква злонамерна сила која не само сега, туку и во повеќе наврати во последните неколку години спроведува операции за дестабилизација на општеството. Од лажни дојави за поставени бомби во училиштата, разноразни шпионски афери околу високи државни функционери, подметнати пожари и потпалувања на отровни депонии, до директно разнишување на довербата во системот на државата.

Стручните лица од ЈП Водовод, дури за волја на вистината професионалци кои се членови и на опозициски партии, недвосмислено укажаа дека сите лабораториски испитувања укажуваат дека водата за пиење е безбедна, и една од најквалитетните не само во Македонија, туку и во Европа.

Орце Ѓеорѓиевски, градоначалникот на Скопје, во обид да ја смири паниката и да ја врати довербата во институциите, самиот се напи чаша вода од чешма и посочи дека тимот на ЈП Водовод е клучен за враќање на системот на градски водовод во Гостивар, каде најпрво ќе се обезбеди вода за техничка употреба, а откако ќе се прочисти целиот систем ќе протече и чиста вода за пиење за граѓаните на Гостивар.

Здравствените власти, Инфективна клинија и другите институции исто така излегоа со официјални изјави дека водата за пиење од скопскиот водовод е целосно безбедна. Но, граѓаните и натаму ги споделуваат статусите за бактеријата ешерихија коли и апелираат да се купува флаширана вода, во недостиг на доверба во државните институции.

Но, доверба не се гради со една ефективна и драматична прес-конференција, неколку приведувања во полиција и мафтање со лабораториски извештаи, туку со ревносни акции на државните институции од сите нивоа, и спроведување до крај на постапките за тоа што се нарекува „специјална војна“ или „саботажа“.

Некако, власта на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата многу лесно се расфрла со овие квалификации кога се случуваат националните кризи, а потоа практично и да нема никаква разрешница преку институциите на системот. Нема судски пресуди, нема затворски казни, нема „разбиени центри на злоупотреби“, нема проследување на можните сторители и нарачатели на овие наводни операции.

Затоа дали навистина се води специјална војна или едноставно институциите поради комбинација на нестручност, слепа партизираност, волунтаризам и немање никаков интерес за општото добро, водат кон национални трагедии и неповратно ја губат поддршката и довербата во граѓаните. Треба да се остави простор постапките кои се започнати во овој случај да дадат резултат, но и треба да се активира колективната меморија за претходните случаи на вознемирување на граѓаните, за повеќе да не оставиме на стихијата да го води општествениот и политичкиот живот. 

Х.С.

ad
Слично

Поврзани вести