Спорни тендери и глоби без евиденција во Комисијата за заштита на конкуренцијата
Државниот завод за ревизија открил сериозни пропусти во работењето на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2024 година, поради што изразил мислење со резерва за финансиските извештаи и законитоста на работењето.
Ревизијата ги опфатила сите четири јавни набавки, вредни вкупно 1,18 милиони денари. Кај набавката на три мобилни телефони, спецификацијата содржела услови што упатувале на конкретен производител. Кај договорот за такси-превоз, пак, биле предвидени бодови за цена и квалитет, но без јасно објаснување како ќе се распределуваат. Според ДЗР, ваквите постапки ја ограничувале конкуренцијата и создавале можност за фаворизирање понудувачи.
Комисијата немала единствена евиденција за предметите и изречените глоби, што создавало ризик од ненавремена наплата и застарување на побарувањата.
Ревизорите утврдиле и дека зградата, опремата и благајната не биле осигурени. Дневните листи за присуство од 2024 година не биле пронајдени, додека во проверените листи од 2025 година не било заведено присуството на членовите на Комисијата.
Во текот на ревизијата биле прифатени сметководствени корекции од 13,1 милиони денари за евидентирање на зградата во која е сместена институцијата. Комисијата во поголемиот дел од 2024 година работела и со еден член помалку од законски предвидениот состав.
