ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТАНУВААТ В ЗОРИ ЗА ДА ОДАТ НА НИВА: Еве како земјоделците се справуваат со топлотниот бран

СТАНУВААТ В ЗОРИ ЗА ДА ОДАТ НА НИВА: Еве како земјоделците се справуваат со топлотниот бран

Земјоделците се трудат колку што можат да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран. Тие наутро во 5 или во 6 часот одат да работат на нивите, а во 10 часот се прибираат дома за да ги избегнат жештините и да не се изложуваат додека УВ индексот е висок. Дел од нив објаснуваат дека носат шешир или капа за да ги заштитат очите од сонцето. 

Велат дека попладне, кога малку ќе залади повторно одат во полето за да го сработат она што им останало претходно и остануваат до стемнување.

„Околу 5 часот излегуваме и до 10 часот си работиме, а после 10 часот си одиме дома. Потоа, во 17 или 18 часот попладне излегуваме и работиме до 21 часот. Треба да се внимава, мерките треба да ги практикуваме, а не и стари и млади да мислиме дека тоа ќе го поднесеме. Повеќето земјоделци бегаат дома штом ќе затопли“, вели Верица Ѓошевска, земјоделец.

Оние кои се постари објаснуваат дека поради здравствените проблеми мораат да внимаваат и да не бидат на отворено во најтоплиот дел од денот.

„Внимаваме, но работата некогаш нѐ тера да работиме и на топлотен бран. Наутро почнуваме во 5 часот. Ние сме навикнати да стануваме рано. Работиме до 11 или до 12 часот, ако имаме работа. Попладне работиме од 16 часот до 21 часот, на стемнување ја собираме робата“, рече Станка Пиригова, земјоделец.

Институциите редовно апелираат граѓаните да не излегуваат од 11 до 17 часот.

„До 9 или 10 часот најдоцна работиме со сопругата и си одиме дома, а наутро почнуваме во 6 часот или во 5.30 часот. Попладне излегуваме по 17 и остануваме до 20 часот. Немам потреба подолго да седам на нива“, кажа Ванчо Мусајски, земјоделец.

Хронично болните луѓе посебно мора да внимаваат, да ја земаат терапијата, да носат лесна облека, да пијат многу течности,  главата да ја заштитат со шапка.

„Зависи кој како е со здравјето, а јас имам 75 години, оперирана сум, мене жештината ми пречи и затоа подобро ќе работам навечер отколку на топло“, вели друга жена.

Македонија деновиве беше во жолта, но и во портокалова фаза. Температурите се искачија до 40 степени. Најтопло овие денови беше во Демир Капија и во Гевгелија. Во однос на исхраната, треба да се внесува помалку мрсна и висококалорична храна, но и да не се консумира храна што содржи големо количество шеќери.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелираше до граѓаните да не биде голема разликата меѓу климатизираните простории со надворешната температура. Ако надвор е 39 степени, клима уредите да бидат на околу 25, за да може да се прилагоди организмот ако излегуваат надвор на отворено.

Се смета дека земјоделците и градежниците се едни од најпогодените во време на топлотните бранови. 

Сања Атанасовска

ad
Слично

Поврзани вести