Струмичанец со нож ја нападнал поранешната сопруга во кафуле
Струмичанец со нож ја нападнал поранешната сопруга во кафуле. Тој бил пијан, а обвинителството го гони за обид за убиство.
Триесет и седумгодишен жител на Струмица е кривично пријавен за обид за убиство во врска со семејно насилство, откако со нож ја нападнал својата поранешна сопруга во угостителски објект во градот.
Според полицијата, нападот се случил на 31 јули околу 12:40 часот. З.П. (37) со остар предмет ја нападнал својата поранешна 34-годишна сопруга, при што ѝ нанел повреда во пределот на лицето, а потоа побегнал од местото.
По кратко време, тој самиот се пријавил во Полициската станица Струмица.
При алкотестирањето е утврдено дека имал 1,20 промили алкохол во организмот.
Повредената жена е пренесена во Медицинскиот центар во Штип, каде лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди.
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против З.П. поради основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство во обид, во врска со семејно насилство“ по член 123 став 2, во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Осомничениот денеска ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Струмица.
