Судијата што му го вратил пасошот на бизнисменот Марковски потоа заминал во пензија
Претседателот на Основниот суд Струга, Вулнет Винца, кој беше претседател на кривичниот совет што одлучи да му го врати пасошот на битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во земјава, Борче Марковски, од денеска веќе не е судија поради исполнување на условите за старосна пензија.
Судскиот совет го отфрли неговото барање за продолжување на вршењето на судиската функција поради ненавремено доставување на потребната изјава. Воедно, советот констатира дека Винца месецов ги исполнил условите за старосна пензија.
Претседателот на Основниот суд Струга во заминување, Вулнет Винца, денеска потврди дека тричлен кривичен совет одлучил да му го врати пасошот на бизнисменот Марковски.
Како аргументи за ваквата одлука, претходно Вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот.
Воедно се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата.
