Т Арена ја отвора новата сезона со нов визуелен идентитет и музички настан за сите граѓани
Т Арена официјално го започнува своето ново поглавје. Од денес, најголемата спортска сала во Македонија, којашто функционира во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, започнува да работи со ново име, нов визуелен идентитет и визија да биде водечка дестинација за најголемите музички, спортски и културни настани во земјата.
Почетокот на новата сезона во Т Арена ќе биде одбележан со голем музички настан за сите граѓани, посветен на јубилејот 35 години независна Македонија во рамките на програмата на Владата на Република Македонија. На 2-ри септември, Т Арена ќе биде домаќин на концерт на македонски уметници којшто ќе биде реализиран со поддршка од Македонски Телеком. Деталите за програмата ќе бидат соопштени дополнително од страна на организаторот.

„Нашата улога отсекогаш одела подалеку од технологија. Ние сме дел од ова општество и затоа сум особено горд што новата приказна на Т Арена започнува со настан посветен на 35 години независна Македонија – јубилеј што им припаѓа на сите граѓани. Т Арена е наша заедничка визија и верувам дека ќе стане место каде што ќе се одбележуваат уште многу важни јубилеи, ќе се слават големи спортски успеси и ќе се создаваат нови приказни што нè поврзуваат како општество.“- изјави Горан Марковиќ, Главен извршен директор на Македонски Телеком.



