Тивко во Скопје, чистка во Тирана: Зашто Еди Рама ги прогласи Беља и Халими за закана, а МВР и МНР молчат?
Македонските власти се необично тивки по ставањето на црна листа на македонските државјани Ваљон Беља и Бекир Халими во Албанија, која ги прогласи за непожелни личности (personae non gratae). Засега од Министерството за надворешни работи нема никаква официјална реакција ниту барање за образложување, ниту пак формален став од Министерството за внатрешни работи, дали навистина посочените лица се закана за безбедноста на нашиот западен сосед.
Но, ова не е прв случај на драстични мерки од албанските власти поврзани со мерки или предупредувања против политички активисти и критичари кои се Албанци од Македонија.
Дали станува збор за порешителна акција на премиерот Еди Рама за справување со политичките противници кои доаѓаат од Македонија, или само збирка на неповрзани, но индикативни примери на искрење додека во Албанија се предизвикува неговото 13 годишно владеење.
Кои се Беља и Халими и зошто Албанија ги стави на црна листа?
Ваљон Беља е политички активист, кој во минатото бил дел од повеќе политичи партии, но најмногу беше експониран во јавноста како кадар на ДУИ кој своевремено беше и еден од директорите на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Иако во последните десет години не е дел од институциите, тој настапува како политички аналитичар и активист. Во 2018 година во него беше пукано, но нападот го преживеа. Во 2019 година беше разрешен од фунцијата во ГАК, а тогашниот премиер Зоран Заев го обвини Беља дека „тропал глупости“, и иако посочи дека имало индиции за злоупотреби на функцијата, никогаш не беше отворен целосен предмет за неговата работа како директор.
Бекир Халими е еден од повлијателните скопски имами и оџа за кој има индиции дека е дел од вахабистичкото движење, со сомнежи за поврзаност со различни радикални групи и влијанија кои се шират преку центри од Блискиот Исток. Теологот и имам во 2016 година токму врз основа на овие сомнежи беше разрешен од Исламската верска заедница, иако во последните години од противник стана поддржувач на тогашниот верски лидер Сулејман Реџепи.
И двајцата се прогласени за непожелни личности во Албанија со десетгодишна забрана за влез, потпишана од Министерот за внатрешни работи Бесфорт Ламалари.
Одлуката е донесена врз основа на предлог и безбедносна процена изработена од Антитерористичката единица на Државната полиција на Албанија. Направена е проценка на албанските власти дека нивните активности претставуваат потенцијална закана за националната безбедност, уставниот поредок, суверенитетот и јавниот ред и мир во Албанија, и постојат сомневања за поврзаност или учество во активности кои се штетни за интересите на албанската држава.
Беља иронично реагираше дека одлуката на „Еди Рамовиќ“, алудирајќи на неговата соработка со српскиот претседател Александар Вучиќ, е резултат на политички реваншизам, и објави повеќе постови со „топови и бомби“, додавајќи иронични коментари за причините поради кои му е изречена забрана и мерка за депортација.
Имамот Халими и неговите поддржувачи на социјалните мрежи реагираа со став дека овие мерки се неосновани и претставуваат притисок врз верските и конзервативните структури, како и обид за замолчување на критичарите на албанската влада.
Притисокот врз Рама и решителниот одговор
Еди Рама се соочува со најголемиот притисок откако е на функцијата премиер на Албанија, бидејќи протестите од т.н. Фламинго револуција се израз на граѓанско незадоволство од повеќе владини одлуки, а не само вообичаен отпор од опозицијата и политичките неистомисленици.
Овие протести беа јасно и недвосмислено поддржани од Ваљон Беља, кој го критикува албанскиот премиер за сојузништвото со Србија и соработката на повеќе полиња, но и поради сомнежите за корупција.
За постапките на Еди Рама веќе пишувавме дека во најмала рака се дволични. Од една страна тој се проектираше себеси како „лидер на Албанците во регионот“, често се мешаше пред изборите во Македонија и Косово, одржувајќи координации и креирајќи платформи со политичките партии и активистите од регионот, и немаше проблем кога во Тирана се одржуваа протести против одлуки во Скопје, а сега кога на свој терен трпи критики од Албанци од Македонија и Косово ги прогласува за „надворешен“ елемент.
Истовремено Рама води и проактивна политика кога е во прашање ширењето верско влијание врз политичките процеси, најчесто водејќи ги под плаштот на заштита од „радикализам“.
Сепак, колку да има политички реваншизам и партиска мотивираност зад овие предмети, добро е и македонските власти да излезат со официјален став за посочените лица. Како прво тие се македонски државјани и за нив треба да се грижи и одговара македонската држава, а ако не се нарушени нивните права и слободи тогаш треба да се позанимава и со сомнежите кои ги наведува една соседна и пријателска држава за можни субверзивни или штетни активности.
Тоа што е извесно, е дека Еди Рама ќе продолжи грчевито да ја брани својата позиција и да го задуши моментумот на организираното опозициско делување во Албанија, па така можни се и нови постапки против Албанци од Македонија и Косово кои ги поддржуваат протестите и се отворено против неговото владеење.
Х.С.
