ВЕЛЕШКИ КРИСТАЛ „МАКА МАЧИ “ СО ТРОШОЦИТЕ - расходите значително пораснаа, прво полугодие направија загуба над 140 илјади евра
Една од нашите најистакнати компании во областа на прехрамбената индустрија „ПИ Кристал 1923 АД Велес“ ги заврши првите шест месеци од годинава со негативен финансиски резултат, покажува последниот финансиски извештај објавен на Македонска берза.
Имено, во споменатиот период, Кристал има направено нето загуба од 8.862.000 денари, односно околу 144.100 евра. Ова е значително влошување на деловните перформанси на компанијата во споредба со истиот период минатата година, кога беше регистрирана позитива и нето добивка во износ од 607.000 денари, односно приближно 9.870 евра.
Главната причина за ваквиот финансиски пресврт лежи во значајниот пораст на расходите кој не беше проследен со соодветен раст на приходите. Во периодот од јануари до јуни годинава, оперативните расходи на велешката фабрика достигнаа 309.255.000 денари, што е околу 5.028.500 евра, бележејќи скок од дури 18,2 проценти во однос на истиот период лани.
Во исто време, вкупните оперативни приходи за првото полугодие забележаа пад од 3,6 проценти и изнесуваа 432.747.000 денари, односно приближно 7.036.500 евра. Поголемиот дел од реализацијата и понатаму доаѓа од продажба на домашниот пазар, додека приходите остварени од продажба во странство исто така бележат намалување за 3 проценти.
- Во 2026 година се остварени вкупни оперативни приходи во износ од 432.747 илјада денари и во однос на лани за истиот период се намаклени за 3,6% Поголем дел од приходите се од домашен пазар. Приходите од странски пазар во однос на претходната година се намалени за 3%.
Оперативните расходи за оваа година изнесуваат 309.255 илјади денари и во однос на претходната година се зголемени за 18,2%.
Од наведеното може да се заклучи дека загубата произлегува од зголемените расходи во однос на расходи – се појаснува во извештајот.
Од компанијата наведуваат дека во изминатиот период немало промени во сметководствените политики и методите на вреднување, ниту пак е вршена исплата на дивиденда, при што раководството најавува продолжување на активностите за подобрување на производството и одржување на квалитетот и пазарната позиција на производите.
П.О.
