Во Охрид се славеше 35 години независност со „македонско знаме“ со 12 краци
Во Охрид синоќа, на стадионот „Билјанини извори“, се одржа големиот музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“, организиран по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија, но на сцената македонското знаме наместо осум имаше 12 краци.
На дел од сценографијата и визуелните елементи беше прикажан симбол кој потсетува на македонското државно знаме, но сонцето има повеќе зраци од оние на официјалното знаме. Охрид е почетната точка на турнејата која треба да посети 11 македонски градови, а завршниот настан е најавен во Скопје на 4 септември.
За сценографијата реагираше и опозицијата, од каде што упатија критики дека македонското знаме било претставено погрешно.
„На официјална државна прослава за 35 години од независноста, платена со огромни суми пари од граѓаните, власта на Мицкоски го утна македонското знаме. Срамно и понижувачки. Милиони евра народни пари троши владата на Мицкоски а не успеа ниту македонското знаме да го направи како што треба. Тендер патриотите го покажаа своето лице. Повторно. Го погрешија македонското знаме“, гласи соопштението на СДСМ утринава.
