Во сообраќајка кај Гостивар повредени четири лица, меѓу кои три деца
Четири лица, меѓу кои три деца, се повредени во сообраќајна несреќа што утрово се случила на магистралниот пат Гостивар–Кичево, во близина на каменоломот „Прогрес 98“.
Несреќата била пријавена околу 7:40 часот, а во судирот учествувале четири патнички возила и еден камион, информираат од СВР Тетово.
По незгодата, три малолетни лица и една жена кои се превезувале во едно од возилата се пожалиле на здравствени проблеми и биле пренесени во гостиварската болница, каде им била укажана медицинска помош.
Полициски екипи вршат увид на местото на несреќата, по што треба да бидат утврдени причините и околностите под кои дошло до судирот.
Поради увидот, сообраќајот на патниот правец кон Стража се одвива отежнато. Возилата се пропуштаат наизменично по една коловозна лента, а се создаваат и колони во двата правци.
