Заедно сме, а тоа ја прави секоја борба исплатлива: Јуки Елиниду за филмската љубовна приказна со Атанас, поради која од Бангкок се пресели во Гостивар
Вистинската љубов не познава географски должини, јазични бариери ниту бирократски пречки. Таа е невидлива нишка што може да спои два тотално различни света, претворајќи го непознатото во дом.
Приказната на Канокпхорн Елиниду - Јуки (30) и Атанас Елинидис (35), што ја пренесува Женски магазин, е доказ дека вистинската љубов не познава географски должини, јазични бариери ниту бирократски пречки. Таа е невидлива нишка што може да спои два тотално различни света, претворајќи го го непознатото во топол и среќен дом.
Канокпхорн или Јуки, како што намилост ја викаат најблиските е психолог и филмски преведувач со страст кон сликањето, цртање и фотографијата. Водена единствено од срцето, го спакува целиот свој 30-годишен живот во неколку куфери и го замени раздвижениот Бангкок со Гостивар. Атанас, дипломиран музичар и пасиониран колекционер на винил плочи, денес со гордост вели дека таа е љубовта на неговиот живот. Создава музика исто како и неговиот татко познатиот македонски пејач Христос Елинидис.

И покрај тоа што нивното секојдневие денес е обоено со аромата на тајландски лути сосови и традиционалните македонски ручеци на свекрвата, најголемата лекција што ја научија е дека успешната врска бара прилагодување и компромис. Денес, додека заедно го пијат утринското кафе, тие се инспирација дека кога љубовта е искрена, вреди да се помине и целиот свет за да се прегрне саканиот на аеродромот во Скопје.
ЖМ:Додека бевте на два различни краеви од земјината топка, интернетот тогаш беше вашиот виртуелен мост. Кога за првпат почнавте да си пишувате и што беше поводот?
-Всушност, ние се запознавме преку интернет, на Фејсбук. Мојот сопруг , кој тогаш беше комплетно непознат и мистичен странец ми испрати порака во која пишуваше: „Еј, ги сакаш Битлси и Бади Холи? Тоа е одлично! И ми се допаѓа твојот стил. Само сакав да те поздравам. Му одговорив дека ми е многу мило што се запознаваме. На почетокот, се прашував кој е овој човек. Обично, никогаш не одговарам на странци, но споменувањето на Бади Холи ми го привлече вниманието. Ретко е да се најде некој што ја цени таа ера на музика, музиката на 50-ите и 60-ите и тоа веднаш го разбуди мојот интерес.
Малку се двоумев пред да го прифатам неговото барање за пријателство, но многу ми е мило што го направив тоа. Мојот сопруг подоцна ми кажа дека ме забележал дека коментирам на страница со добра музика и винтиџ мода, поради што решил да ме контактира. И тоа беше прекрасниот почеток на нашата приказна.

ЖМ: Кој беше тој клучен момент во вашите онлајн разговори кога сфативте дека ова веќе не е само обично пријателство, туку почеток на една длабока љубов?
- Од моментот кога започнавме да разговараме, почувствував дека тој е навистина посебен и различен од секој што некогаш сум го запознала. Беше неверојатно оптимистичен, духовит, со одлично чувство за хумор. Иако нашата конекција во тоа време беше целосно онлајн, тој ме пленеше од првиот ден, со искрена комуникација и начините на размислување. Со текот на времето, тие чувства растеа и растеа, и пред да се освестам, тие прераснаа во длабока, значајна врска.
ЖМ: Планирањето средба беше следниот чекор. Како изгледаше вашиот прв физички состанок во живо и што беше првото нешто што си го кажавте еден на друг?
-Нашата прва средба лице в лице беше на Меѓународниот Аеродром Скопје. Долетав од Бангкок за да го видам, а тој беше таму да ме пречека. Кога првпат се видовме, всушност не кажавме многу - само се прегрнавме силно. Мислам дека првото нешто што ми го кажа беше: „Добредојде во Македонија!“ (се смее). Во главата, сè што можев да помислам беше: „Конечно, навистина се сретнавме“, по повеќе од една година разговор преку интернет.

ЖМ: Да се соопшти на семејството и пријателите дека срцето ви припаѓа на некоја личност од толку далечна земја од повеќе аспекти, бара храброст, бидејќи се мешаат љубовта, грижата и стравот од непознатото. Како реагираа кога им ја кажавте веста дека ќе се венчате?
- Сите беа многу среќни за мене. Всушност, бев првата меѓу моите универзитетски пријателки што ќе се омажи, а исто така и првото внуче во моето семејство што го стори тоа. Моето семејство, особено мајка ми беше природно загрижена, што е многу типично за заштитнички настроените азиски родители. Но, и покрај нејзините грижи, таа неверојатно и целосно ме поддржа во мојата одлука. Пред да заминам, таа ми рече: „Ако работите не одат добро, само врати се дома. Ти си моја ќерка и секогаш ќе бидам тука да се грижам за тебе“ (се смее).
ЖМ: Љубовта ги надминува сите бариери, но секојдневието бара заеднички јазик, како во домот, така и во градењето нов професионален живот во сосема нова средина. Како се справувавте со јазичната бариера на почетокот и како изгледа вашиот ден денес?
- Сопругот и јас комуницираме на англиски, но бидејќи тоа не ми е мајчин јазик, понекогаш ми недостигаат зборови. Кога тоа ќе се случи, се потпирам само на говорот на телото и на манеризми, гестови и звуци за да ја пренесам мојата поента (се смее). Што се однесува до македонскиот, го научив малку и знам основни изрази, зборови и фрази. Можам да разберам ситни делчиња, па кога семејството или соседите разговараат, се обидувам да ги составам нештата користејќи ги зборовите што ги знам, нивниот тон на глас и нивните изрази. Искрено, јазичната бариера не ми беше голема пречка во секојдневниот живот.
Целосниот разговор во продолжение на Женски магазин....
