Закана за национална безбедност: Министерот за внатрешни објасни зошто на Беља и Халими им е забранет влез во Албанија
Македонските државјани Ваљон Беља и Бекир Халими биле закана за националната безбедност, рече албанскиот министер за внатрешни работи Бесфорт Ламалари како образложение на одлуката пред јавноста тие да бидат прогласени за непожелни во Албанија.
- Министерот за внатрешни работи – како орган што ја носи одлуката, нема апсолутно никаква законска обврска за транспарентност зошто ја донел одлуката. Тоа е така бидејќи, како што веќе спомнав, располагаме со многу информации за тековниот надзор што го спроведуваат надлежните служби во Албанија – како од разузнавачките, така и од оние за спроведување на законот. Мораме да спречиме оваа потенцијална закана да се материјализира, било во политичка, идеолошка или деструктивна смисла, преку искористување на одредени агенди насочени кон поединци со одредени ранливости, кои би можеле да станат плен на таквите агенди, рече Ламалари.
Беља кој на јавноста и е познат како аналитичар, активист и политичар, во минатото беше осомничен и дека оставил куршум завиткан во салфета кај тогашниот градоначалник на Чаир. Тој потоа беше беше економски директор на клиниката за гинекологија, па економски директор на Железници транспорт.
На социјалните мрежи, Беља одлуката ја нарече политички мотивирана и донесена од „Владата на Еди Рамовиќ“ кој го нарече „сијамски брат на Вучиќ“. Халими пак, кој е оџа и поранешен припадник на УЧК, вели дека за одлуката дознал од медиумите.
-Вознемирувачко е за секого да се соочи со неправда, особено за некој што целиот свој живот го посветил на подигнување на верската свест кај нашиот народ и на давање патриотски придонес кон нашиот национален развој. Сепак, таква е природата на животот. Ќе продолжиме да бараме правда и да се бориме против неправдата каде и да се појави,објави Халими.
Ова инаку, не е прв случај Албанија да прогласи странски државјани од соседството за непожелни поради безбедносни причини. Пред два месеци, на теолошката активистка од Косово, Икбале Худути Бериша исто така и беше изрешена забрана за влез во земјата, во времетраење од 15 години, поради учество на протестите во Тирана. Образложението на албанските власти во таа прилика беше дека нејзините активности и можни врски со Иран, се опасност за националната безбедност и јавиот ред.
